Циндриќ подобар од Лазаров, Барса лесно помина на гостувањето во Нант

Циндриќ

Барселона му зададе нов удар на Нант на домашен терен и стигна до трета победа во новата сезона од Лигата на шампионите (27-35). Гостите беа немилосрдни во текот на сите 60 минути, играјќи ракомет кој е достоен за нивото на клубот и епитетот прв фаворит за трофејот.

Во првиот дел се играше ефикасно, а Каталонците постојано имаа предност и заминаа на одмор со +3. Следуваше идентично темпо и во продолжението. Францускиот клуб се обидуваше на секој начин да се врати во игра, но добиваше одговор од каталонскиот ривал.

Мем со шест гола беше најрасположен кај Барса, а Овничек со пет се истакна кај Нант. Нашиот Кирил Лазаров четири пати се запиша во листата на стрелци.

Екипата на Кил според сите очекувања лесно мина на гости кај Целје Пивоварна Лашко (24-35). Ова беше втор триумф за „зебрите“ со кој се вратија на победничи пат во елитното натпреварување. Вечерва Филип Јиха и неговите избраници немаа големи проблеми и со одлична тимска игра го добија дуелот со словенечкиот шампион.

На последната денешна средба Киелце рутински ја заврши работата против Елверум (22-31). Полскиот првак врза втора победа во низа и заборави на воведниот минимален пораз од Флензбург. 

Натпреварот ПИК Сегед - Вардар е одложен заради позитивни случаи на ковид-19 во унгарскиот клуб.