Чувара: Пред да ја добијам понудата од Вардар бев во ќорсокак...

Вардар

Вардар од следната сезона ќе има ново засилување на левата крилна позиција. Се работи за полскиот интернационалец Јан Чувара кој ќе биде директен конкурент на Тимур Дибиров.

25-годишникот неодамна зборуваше во интервју со „TVPSPORT.PL“, во кое откри што чувствувал кога добил понуда да игра за двократниот европски првак од Македонија.

„Првата реакција? Изненадување, позитивен шок и голема возбуда. Пред да ја добијам шансата да играм за Вардар, бев во ќорсокак, бидејќи немав конкретна понуда на масата. Вардар се покажа многу специфичен, се договоривме за само три дена. Договорот не можеше да се одбие. Кога го потпишав договорот ми олесни, почувствував дека имам сигурна иднина“, открива полскиот ракометар.

Искусниот Дибиров ќе биде негова конкуренција, а ќе биде и човекот од кој што младото крило ќе учи во годините кои доаѓаат.

„Дибиров е легенда на Вардар. Според она што го знам, тој игра 18 сезони во Лигата на шампионите. Јас, од друга страна, треба постепено да се наметнувам против големите екипи. Вардар игра многу натпревари секоја сезона. Тука се СЕХА-лигата, македонската лига и Лигата на шампионите. Заедно, станува збор за 50 меча. Мислам дека ќе добијам шанса, и се надевам дека ќе можам да конкурирам за место во составот“, вели Полјакот.

Чувара нема да биде единствен полски играч во вардаровиот дрес. Наредната сезона на линијата од шест метри одново ќе го гледаме Патрик Валчак.