• Иван Димовски
Двократниот европски првак сè уште чека на први бодови на кам-бекот во елитата. По Мелсунген и Нант, ракометарите на Вардар 1961 загубија и од Висла Плок во третото коло на Лигата на шампионите. Со пораз од 26-32 „црвено-црните“ продолжија без бодови во најсилното европско натпреварување.
На стандардната прес-конференција по средбата свој коментар на одиграното даде тренерот Иван Чупиќ.
„Лошо го отворивме натпреварот, пред се напаѓачки знаевме дека ќе ни биде тешко. Се подготвуваме и со седум на шест и со четири бека, многу внимание трошевме на ротација. И прво и второ полувреме кога нападот беше океј, но моја грешка беше што отворивме со човек повеќе и примивме неколку лесни голови без голман. Сакав да изненадам со таа игра, да ги искористиме неколкуте напади додека не се адаптираат, ама не успеавме. Одбраната беше компактна и агресивна, па со тоа си ја разбивме одбраната. Сакав да имаме со некои ситуации без многу контакт и дуели, да ја кренеме самодовербата. Сепак, испадна целосно различно од моите очекувања и тука ни побегна натпреварот. Иако во завршницата малку се вративме, на крајот Висла заслужено победи на оваа средба. Ова е екипа која е единствена што плаќа 3-4 играчи да играат само одбрана и тоа се гледа во нивната игра. Нивната одбрана нема лош ден. Може да киксне голманот или нападот, ама нивната дефанзива им е врвна.
Немавме решение за нивната многу добра одбрана. Можеби најконкретни бевме со четири бека, ама некогаш мора да менуваш по двајца и се мачевме доста. Тие се многу агресивни, нападот се уморува многу лесно и се трошат сите во овој дел од тимот. Моравме да ја темпираме енергијата за завршницата од натпреварот. Не го најдовме вистинското решение ниту со ротацијата. Мислам дека мечот го реши периодот кога игравме седум на шест, за што преземам одговорност. Кога тие ни побегнаа на седум разлика беше готово.
Висла покажа дека денес е подобар тим, но за шест дена е нов натпревар. Никој не може да гарантира дека нема да бидеме подобри. Ако не верував дека можеме да бидеме конкурентни на било кој натпревар, јас немаше да дојдам утре на тренинг. Јас пред сезона кажав дека целта ми е да одиме на фајнал-фор и стојам позади своите зборови, дури и ако не успееме. Вардар нема да чека февруари за да се разбуди и да ја чека Лигата на Европа. Нема да му дозволам на тимот да се опуишти и да смета дека нема за што да играме“, изјави Хрватот.
Вардар веќе следната среда ѝ гостува на Висла во Плок во натпреварот од четвртото коло во Лигата на шампионите.

