• Иван Димовски

Вардар врза четири порази во низа од лутиот ривал Еурофарм Пелистер, два на пријателските турнири и два во официјални натпревари. На официјалното деби на вардаровата клупа несреќен пораз доживеа тренеро Иван Чупиќ.
Младиот хрватски стратег кој ја доби довербата од управата на „црвено-црните“ го анализира одиграното, ги посочи грешките, но нагласи и дека е среќен за патот по кој се движи неговиот тим.
„Натпреварот беше динамичен, неизвесен и нијанси решаваа. Ова беше вистинска борба за трофеј, сакам да му честитам на Пелистер за Суперкупот. Покажавме дека пријателските натпревари се едно, а официјалните друго. Бевме во игра цело време, во првиот дел некаде до 25 минута имавме предност и бевме во ритам. Со две-три технички грешки и наши глупости го вративме Пелистер во живот. На отворањето на второто полувреме одигравме лошо, но не се предадовме до крајот и за тоа сакам да им се заблагодарам и да им честитам на играчите. Се бореа до последна секунда и се вратија во игра од „минус четири“. Имавме половина минута пред крајот и нерешено, па малку среќата го посака ривалот во финишот. Малку ни недостигаше, можеби две-три одбиени топку, голот на крајот или несреќниот брз центар. Можеби таа малку среќа ќе ни се врати следниот пат.
Тешко е да се зборува за квалитетите на овој тим, ние сме заедно пет-шест недели, со тоа што две од тие седмици игравме само натпревари и не трениравме. Ги имаме Лазаревски, Борозан, Боно кои се повредени, а сега конечно ќе имаме малку повеќе време за тренинг. Морам да кажам дека ова е патот по кој сакам да оди мојот Вардар, да се бориме на секој натпревар за овој дрес. Сепак, нормално дека кога ќе ни се вратат сите и ќе се воиграме мислам дека можеме многу подобро. Мислам дека ова ниво кое го покажавме денес треба да биде патот по кој треба да се водиме цела сезона“, изјави Чупиќ.
Вардарци новата натпреварувачка сезона во Суперлигата ќе ја отворат со гостување во Струга в сабота.


