Чупиќ за критичарите: Губат во обложувалници, па навредуваат и омаловажуваат

Искусното хрватско десно крило Иван Чупиќ во својата колумна на официјалниот сајт на Хрватскиот ракометен сојуз (ХРС) опиша како гледа на тешкиот пораз од Хрватска од Египет на отворањето на Светското првенство.

Легендата на Вардар 1961 призна дека избраниците на Хрвоје Хорват не одиграа на ниво, но имаше што да каже и за јавноста, која што испрати сериозни критики на сметка на „каубоите“.

„Игравме против извонредна репрезентација која играше полуфинале на Олимписките игри во Токио, во која покрај одличен тренер има играчи од најдобрите светски клубови. Но, покрај тоа мора да се признае дека и ние не одигравме на ниво. За жал, доста рано се распаднавме. 

Тука има многу луѓе кои следат ракомет само во јануари, а потоа забораваат на него во следните единаесет месеци, па си земаат за право да плукаат и навредуваат секого по ред. Некои од нив го чекаат јануари само за да земат пари од обложување, а ако тоа не се случи, бидејќи емотивно се обложуваат на Хрватска, започнува лавина од навреди и омаловажувања“, рече Чупиќ.

Хрватска шампионатот во Шведска и Полска го отвори со висок пораз од Египет, со девет гола разлика (22-31). Чупиќ поради повреда отпадна од списокот на Хорват.