Чупиќ: Висла пак е фаворит, овој пат мора да одиграме многу подобро!

Вардар 1961 го очекува нова пресметка со Висла Плок, овојпат на гостински терен, каде што ќе се обиде да ја забележи првата победа во новата сезона од Лигата на шампионите. Средбата од четвртото коло е закажана за среда од 20:45 часот, а „црвено-црните“ посакуваат да покажат подобро издание од дуелот во Скопје, на кој загубија со 26-32.

Иако резултатите во досегашниот дел од натпреварувањето не им донесоа бодови, вардарци имаа периоди во кои покажаа дека можат да се надигруваат со квалитетни европски противници. Тренерот Иван Чупиќ верува дека анализата на претходниот натпревар ќе помогне да се отстранат слабостите и да се одигра поконкурентно во Полска.

„Кога ќе загубите натпревар, јасно е дека има простор за напредок. Висла беше фаворит во Скопје, а на свој терен ќе има уште поголема предност. Сепак, не сметам дека одигравме толку лошо пред нашите навивачи, колку што можеби изгледаше поради начинот на кој Висла ја наметна својата игра.

Го анализиравме дуелот и знаеме дека мораме да бидеме подобри и во одбраната и во нападот. Со вистинска енергија и поголема самодоверба верувам дека можеме да одиграме квалитетен и добар натпревар.

Сакаме повторно да се претставиме во добро светло во Лигата на шампионите. Во следните три средби целта е да останеме конкурентни и да се бориме за првите бодови и победа. Важно е да продолжиме да напредуваме и да имаме мотив за секој следен натпревар“, изјави Чупиќ.

Натпреварот помеѓу Висла Плок и Вардар 1961 се игра на 14 октомври, а почетокот е закажан за 20:45 часот.