Чупиќ: По Купот, целта е да ја обезбедиме титулата и во Суперлигата!

Еден од најдобрите ракометари кој некогаш го носеле дресот на Вардар, без сомнеж е Иван Чупиќ. Хрватското крило секогаш дава свој максимум, а така беше и во финалето на Купот против Еурофарм Пелистер, натпревар кој го заврши како најдобар стрелец во својот тим. 

Иако се радуваа на трофеј, „црвено-црните“ момци на Алушовски веднаш се насочуваат кон наредниот предизвик - дуелот со Еурофарм Пелистер во Битола од Суперлигата. Чупиќ по честитките на екипата за титулата, најави дека Вардар сака што е можно побрзо да ја обезбеди и круната во првенството. 

„Честитки на целата екипа и стручниот штаб. Одигравме добар турнир, дојдовме како фаворити и ги оправдавме очекувањата. Првиот дел дававме лесни голови, имавме одлична одбрана и добар оглман. Во вториот дел Еурофарм се врати во натпреварот, се бореше до крај, ние бевме уморни, ама покажавме карактер и ја задржавме предноста. Мислам дека ова е заслужена титула.

Сега следи уште еден натпревар, но тој ќе биде различен. Имаме добар резултат од првиот дуел, ама цел е да одиграме во првенството докрај и да го обезбедиме трофејот што е можно порано“, смета Чупиќ. 

Вардар во првиот меѓусебен натпревар победи со осум голови во Скопје, па сега во Битола патува со растеретени мисли. Доколку успее да победи или загуби со помала разлика од таа во „Јане Сандански“, Вардар практично ќе го обезбеди трофејот на сметка на Пелистер.