Чупиќ оди во ППД Загреб, Вардар во замена добива ново хрватско крило!

Еден од поискусните ракометари во Вардар, Иван Чупиќ, се враќа во татковината. Крилото ќе го засили ППД Загреб, но македонскиот тим нема да остане со празни раце, затоа што за возврат ќе добие крило од хрватскиот првак.

Иако имаше понуда од Кил, сепак, Чупиќ ќе се врати во татковината, пред се поради семејството. Она што го објавија од „Хендбол планет“ е дека искусниот играч ќе го облече дресот на ППД Загреб и веќе потпишал тригодишен договор кој ќе важи од месец јули, па за првпат ќе заигра во својата држава по 2007 година.

Но, Вардар ќе добие играч од „плинарите“, за да ја покрие дупката која ќе ја остави Чупиќ. На спротивната страна, од Загреб во Скопје ќе се пресели 26-годишното хрватско крило Јосип Божиќ-Павлетиќ, тврдат колегите од „Индекс“.

Од ППД Загреб околу трансферот на Иван Чупиќ немаат намера официјално да се огласат до 31 јануари, односно до кога трае Светското првенство. Ама дека трансферот е пред потврда, соопштил Божидар Јовиќ, директорот на клубот.

„Тој доаѓа кај нас, а нив ќе им треба ново крило, па можеби ќе земат некој од нашите. Кога ќе ни дојдат посилни противници, ние ќе играме на поинаков начин. Чупиќ во Вардар покажа дека може да игра во повеќе ситуации, како што е и „7 на 6“, но тој со Вардар пракитчно сам го победи ППД Загреб“, изјавил Јовиќ.

И самиот Чупиќ како да најави дека си оди од Вардар. Во вклучување во емисија на славниот хрватски ракометар Драго Вуковиќ, добил прашање - „Загреб или Кил?“, на кое крилото одговорило - „Дај, немој. Не можам. Немам коментар. Чекај, први февруари. Ете така, први февруари“.

Во ППД Загреб, Чупиќ ќе дели минутажа со Владо Матановиќ, хрватски репрезентативец кој освои сребрен медал со репрезентацијата на Европското првенство (ЕП) во Австрија, Шведска и Норвешка.