• Горан Упале
Вардар го очекува првиот домашен натпревар во новата сезона од Лигата на шампионите, а противник во „Јане Сандански“ ќе биде француски Нант. Пред европската премиера пред своите навивачи, тренерот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ, зборуваше за атмосферата во Скопје, но и за одговорноста што ја носи дресот на Вардар.
Чупиќ смета дека за дел од новите ракометари вистинската слика за тоа што претставува Вардар ќе стане јасна дури кога ќе почувствуваат што значи да се игра пред преполната сала во Скопје.
„Некои од новите играчи го гледаа Вардар на телевизија и сè уште не се свесни што значи тоа. Но, кога ќе дојдат во преполната арена „Јане Сандански“, ќе разберат колку љубов и колку традиција има овој клуб. Ова не е збор само за една љубов, туку за еден живот“, порача Чупиќ.
Хрватскиот стратег потенцира дека Вардар не е само уште еден клуб во кариерата на ракометарите, туку средина која со себе носи огромна историја и обврска кон навивачите.
„Едвај чекаме на првиот домашен натпревар. За тоа живееме и работиме. Сигурен сум дека „Комити“, како и сите луѓе во Скопје кои го сакаат и поддржуваат Вардар, со нетрпение го очекуваат овој натпревар по четири години“, изјави Чупиќ.
Токму враќањето на големите европски натпревари во „Јане Сандански“ треба да биде посебен момент за Вардар. Вардарци против Нант ќе се сретнат на 16 септември.








