Чупиќ: Не е сè во парите од богатите клубови, во Вардар сум среќен!

Хрватската ракометна легенда Иван Чупиќ по неколку години пауза се враќа во репрезентацијата на „коцкестите“, а по тој повод за „Индех“ зборуваше на оваа тема, но и за неговата љубов кон Скопје и Вардар

Искусното крило повторно е во ростерот на Лино Червар и смета дека сега е целосно спремен повторно да го даде максимумот за својата репрезентација.

„Пред две години, објективно донесов одлука дека е најдобро да се повлечам. Но, сега сум целосно спремен да го дадам максимумот за Хрватска. Повеќе пати сум кажал дека за мене, репрезентацијата значеше многу повеќе од кој било клуб. Секој пат кога бев во националниот тим, или бев во состојба на еуфорија или во состојба на депресија“, вели Чупиќ.

Хрватскиот ас кој во дресот на Вардар даде огромен број клучни голови, вели дека не е сè во парите од богатите клубови и среќен e во Скопје.

„Македонија ми даде многу, но и јас ѝ дадов неа и на Вардар. Со мене тука се и мојата сопруга и децата кои одат во градинка и училиште. Во одредени моменти од кариерата играњето во топ клубовите во кои се заработува најмногу не е најважното нешто на светот, а токму тоа те прави многу посреќен. Со Вардар постигнав големи успеси и затоа тука ме ценат многу. Моето семејство е среќно во Скопје и сè додека тоа е така и јас ќе бидам среќен“, додаде искусниот ракометар.

34-годишното крило пред два дена беше еден од најзаслужните ракометари на Вардар во победата на тимот над големиот Флензбург. На тој дуел во Скопје, Чупиќ покрај тоа што играше на стандардната крилна позиција, одлично одговори и на задачите како десен бек.