Чупиќ: Наша цел е со победи да го продолжиме притисокот врз Нант и Барса

Иван Чупиќ, ракометарот кој го даде златниот гол за Вардар и кој донесе европска титула во Скопје, пред натпреварот против Кристијанштад во Лигата на шампионите потенцира дека силно се посакува победата, но мора да се внимава.

За тимот од Скандинавија, хрватскиот репрезентативец вели дека игра доста добро преку брз центар и дека одбраната на „црвено-црните“ мора да биде на ниво, ако се сака победа, со која ќе се задржи првото место и ќе се продолжи со притисокот врз Нант и Барселона во борбата за местото кое води директно во четвртфиналето.

„Изминатата 2017 година беше одлична за нас, но уште не е завршена. Имаме уште еден натпревар, кој сакаме да го добиеме. Имаме прво место, со евентуална победа на овој дуел ќе направиме притисок врз Нант и Барселона“, вели Чупиќ.

Потоа, Хрватот се осврна на натпреварот кој за Вардар е десетти во Лигата на шампионите.

„Кристијанштад е незгоден ривал, но на најдобар начин сакаме да се простиме во оваа година од нашите навивачи. Противникот игрз брз ракомет, имаат млада екипа со одличен брз центар и имаат типично скандинавски стил на игра. Квалитетот е на наша страна, но не смее да се опуштиме затоа што ќе не казнат. Мора да бидеме концентрирани во нападот и брзо да се враќаме во одбраната“, заврши крилото на Вардар.

Мечот меѓу Вардар и Кристијанштад се игра в сабота од 17.30 часот.