Чупиќ емотивен: Реалноста на Вардар може е и полоша од оваа!

Во име на ракометарите на Вардар на прес-конференцијата по поразот од Монпелје говореше хрватскиот ракометар Иван Чупиќ. Крилото имаше доста емотивно обраќање, во кое зборуваше за актуелната ситуација, за повредите, за играчите, за иднината...

<<< ПОВРЗАНО - Алушовски: Имаме краток ростер, ги знаеме проблемите, имам помешани чувства...

„Немаме квалитетни тренинзи, немаме долг ростер на клупа и секој меч по 40-та минута паѓаме. Голманите не држеа во мечот, но фалеше некој кој може да повлече, некој кој би можел да влезе кога некој е уморен. Глупаво е да зборуваме за проблеми, но тренираме со само пет до шест играчи. Кој е повреден, кој е болен, кој има вирус... Затоа тоа ни се случува во последните дваесет минути. Паѓаме, не фаќа нервоза, промашуваме зицери, а тоа во ЛШ чини многу. На овој меч бевме 40 минути егал со Монпелје, но потоа паднавме. А тие имаа долга ротација. Ние имаме желба, сакаме, победници сме, ама ни фали она нешто што го споменав.

Затоа завршивме шести во групата, тоа е реалноста за Вардар. Еден тренер, не сакам да го именувам вели, ако сте шест играчи во Вардар, шест треба да одите да победувате. Така и правиме сега. Тешко е. Мора да го пофалиме Кизиќ за добрите изданија на последните три меча. Нашата реалност можеби е и полоша од ова, но тука сме. Сакам да признаам и едно нешто.

Денес Вардар не го загуби натпреварот, туку јас. Промашив зицери многу. Жалам за тоа. Свесен сум. Тешко ми е. Сега не чека пат до Нашице со автобус, ако некој не ни плати авион. Па пак ќе треба да го понесеме товарот шест-седум играчи. Тешко е. Но ќе видиме што ќе биде. Секогаш ние одиме да победуваме“, изјави Чупиќ.

Вардар во осминафиналето на ЛШ ќе игра многу веројатно со ПИК Сегед, ривалот со кого лани играше во четвртфиналето и преку кој дојде до место на Ф4-турнирот во ЛШ, а потоа и до титулата.

<<< ПОВРЗАНО - Вардар потврди: Ристовски и Мишевски се „црвено-црни“!