Чупиќ доби понуда која не се одбива, ќе остане ли Вардар без уште еден клучен играч?

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар в понеделник ќе ги стартува подготовките за продолжението од сезоната во Лигата на шампионите, СЕХА лигата и Суперлигата, а стратегот Стевче Алушовски би можел да остане без уште еден клучен ракометар, кој долги години е незаменлив во првиот тим на „црвено-црните“. 

Според она што го дознава Gol.mk Иван Чупиќ е на излезни врати од Вардар, затоа што за неговите услуги е заинтересиран освојувачот на Лигата на шампионите, германски Кил.

Наводно, хрватскиот ас, кој по неколкугодишната пауза се врати во стројот на „каубоите“ и ќе игра на СП во Египет, на маса има понуда да го засили бундеслигашкиот гигант уште по завршувањето на Мундијалот, а доколку не се согласи за тоа, или пак Вардар нема да даде „зелено-светло“ за трансфер, неговата врата во Кил ќе биде отворена и по завршувањето на оваа сезона. 

34-годишното крило е еден од неколкуте странски ракометари кои останаа верни на Вардар и покрај големите финансиски проблеми со кои се соочуваше клубот во последните сезони. 

За неговото заминување од Вардар се шпекулираше и во текот на минатата година, се споменуваа трансфери во Мешков Брест и ППД Загреб, но хрватското крило ги отфрли сите шпекулации и остана во редовите на Стевче Алушовски. 

Чупиќ во таборот на македонскиот првак пристигна во 2016 година од Киелце и со „црвено-црните“ освои две титули во Лигата на шампионите.