ВИДЕО: „Чкембари“ со видео снимено во Охрид најавија инвазија во „Билјанини Извори“

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се на чекор до одбрана на титулата во домашниот шампионат. „Зелено-белите“ играат речиси перфектно во плеј-офот и од девет натпревари имаат осум победи и само еден пораз и се лидери на табелата.

До крајот на сезоната има уште пет кола, а викендов пелистерци го играат можеби најважниот натпревар во плеј-офот, против незгодниот Охрид. Евентуален триумф на овој дуел значително ќе ги зголеми шансите на битолчани за нова титула, па поради важноста на натпреварот „Чкембари“ веќе се мобилизираат и најавија вистинска инвазија во Охрид.

Најверните фанови на клубот од Битола со видео снимено токму во Охрид го најавија нивното присуство во салата „Билјанини Извори“ кое сигурно ќе биде многубројно.   

„Од македонскиот Ерусалим најавуваме масовна поддршка за шампионот против Охрид!“, стои во објавата на Чкембари.

Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер е закажано за в недела, со почеток од 19:00 часот.