Чивлачки и Радуловиќ кројат ракометен „штоф“: Шампион е нова убава приказна

Ракометниот клуб Шампион ја комплетира првата фаза во Првата ракометна лига успешно. Првата цел е остварена, местото во плеј-оф е обезбедено, а голема заслуга за тоа има кај тренерот Слободан Чивлачки кој неуморно работи и се посвети на новиот проект на ракометната мапа во Македонија.

РК Шампион игра и во машка и во женска конкуренција. Сплотеноста и другарството и нормално, желбата за работа, донесоа успех на овој колектив кој заврши на третата позиција во групата во Првата лига и чека на пролетните предизвици.

„РК Шампион првпат игра во сениорска конкуренција, тука е и женската екипа која исто така за првпат е во Суперлигата. Машкиот тим буквално го собравме пред почетокот на сезоната, но другарството, желбата за работа и сплотеноста ни донесоа резултати. Уживав во двата месеци работа со екипата и морам јавно да им се заблагодарам на сите што зедоа учество во натпреварите и што помагаа. Верувам дека со тек на време, ќе дојдат и подобри резултати. Мора да напоменам дека имавме и многу среќа, но, сепак, победивме екипи како Борец, Преспа и Јехона. Сите знаеме колку традиција има во овие клубови и колку искуство, ама ние сме пред сите нив како третопласирани, веднаш позади двете најдобро организирани екипи во нашата група.Сега претпоставувам ке имаме подолга пауза и останува на нас добро да се спремиме и да се воиграме за плеј-офот, само прашање е колку тоа ке ни го дозволи пандемијата“, вели Чивлачки.

Во исчекување на плеј-офот, Чивлачки е скромен. Вели дека борбата ќе биде тешка, ама Шампион нема да се предаде предвреме. Лигата продолжува напролет, а сите тимови почнуваат од „нула“, односно без бодови.

„Во пролетниот дел се формира плеј-оф лига од осум екипи и сите почнуваме од почеток. Според пропозициите, патот до Суперлига е многу тежок оваа година, но сигурен сум дека борбата за местата ќе биде интересна. Се надевам дека нарполет ќе имаме услови и за публика, морам да ја пофалам Ракометната федерација за организацијата на Првата лига во овие ненормални услови за сите, се мина беспрекорно, без ниту еден проблем. Ние како Шампион работиме 20 години во Општина Карпош, а во оваа општина има многу таленти во сите спортови. Се мисли и на помладите, веќе имаме деца родени 2014 година кои се интересираат за ракомет. Се одржуваат ракометни лиги и шампионати, одлично организирани од надлежните“, додава стратегот. 

Чивлачки како тренер е во ракометот повеќе од дваесет години. Пред Шампион работеше во екипите на Југ и Македонија, а моментално има соработка со една од најголемите ракометарки во нашата историја, Валентина Радуловиќ, која раководи во женскиот сектор на Шампион.

„Во кратки црти, како тренер работам скоро 25 години, почнав уште во деведесеттите во РК Југ, па преку РК Македонија која беше одличен проект на легендата во ракометот Марко Миркуловски. Таму првите чекори ги направи неговиот син Филип Миркуловски, според мене, најдобриот наш среден бек на сите времиња. Таму беа и уште две големи имиња, Борко Ристовски и Игор Котевски. Подоцна во 2000 година почнав и со мојата ракометна школа Ерет Дач, сегашен Шампион, а во меѓувреме бев дел од Ракометната Академија на Металург, идеја и проект кој го смисливме заедно со тренерот Горан Стојков. Исто така бев дел и од Академијата на Вардар и ракометниот проект „Една љубов, еден живот“, реализиран од Тања Медвед, која е голем професионалец. Штета е што овие два проекти не го дадоа полниот потенцијал и пропаднаа поради „неспортистите“ кои беа концентрирани на нешто друго, а не на работа. Имаше многу таленти, многу деца желни за ракомет. Тоа за мене беа прекрасни четири години како тренер. 

Во моментов сум посветен на актуелниот клуб, имам соработка со легендата Валентина Радуловиќ, која не е само ракометен великан, туку и голем човек. Неа можам да ја ставам во друштво на Кире Лазаров, Пепи Манасков, Горан Пандев, Томи Стефановски, Наумче Мојсоски, Филип Миркуловски, Дарко Панчев, Перо Антиќ... една од најдобрите спортистки која ја имала Македонија! Вале мора да го добие заслужениот третман, онака како што ѝ доликува на реномето и на она што го оставила зад себе“, додава тренерот на РК Шампион.

Низ кариерата Чивлачки под свое водство работеше со многу репрезентативци. Листата е долга, а децата со кои тој работеше сега се сениори и играат во клубовите низ државата, но и во странство.

„Низ мои раце поминаа многу деца. Можам да ги споменам Марко Кизиќ, Ален Ќосевски, Мице Шилегов, Михаил Аларов, Марко Мишевски, Мартин Велковски, Мартин Карапалевски, Андреј Митиќ, Никола Даниловски... и многу други, им се извинувам на оние што ќе ги изоставам, ама листата е долга. Среќен сум за сите со кои сме работеле порано како деца, а сега се успешни во она што го прават. Најсреќни ќе сме ако од РК и ЖРК Шампион заедно со Валентина Радуловиќ создадеме нов ракометен „штоф“ за нашата ракометна иднина“, дециден е тој.

Машкиот ракометен клуб Шампион во Групата А од Првата лига на седум натпревари забележа пет победи и два порази. Девојките, пак, имаат девет средби во Суперлигата и со три победи и шест порази се на средината на табелата.