Чирковиќ: Еурофарм направи мало чудо!

Единствениот македонски претставник во ЕХФ Купот, Еурофарм Работник, испиша историја во премиерниот настап на европска сцена, откако по двете победи над Бер,  успеа да се пласира во групната фаза од ова натпреварување. 

Задоволството за големиот успех во таборот на битолчани беше огромно, а тренерот  Ѓорѓе Чирковиќ историскиот пласман го нарече – наше мало чудо. 

„Чудо во Берн“, фантастичен филм за едно финале на Светско фудбалско првенство меѓу Унгарија и Западна Германија, по кое веќе ништо не беше исто. Тој 4 јули во 1954 година на стадионот „Ванкдорф“ во Берн по силен дожд „се распадна“ еден од најмоќните фудбалски тимови, кој никогаш не го освои СП и се раѓа „прочуениот германски менталитет“. Како едно финале што требаше да биде формалност, влијаеше на развојот на две нации?! А, синоќа во предградие на Берн ние направивме „наше мало чудо“ со пласманот во групната фаза на ЕХФ Купот. Браво момци. Браво Еурофарм Работник!“, на социјалните мрежи напиша стратегот на битолчани. 

Еурофарм Работник своите противници во групата ќе ги дознае на 29 ноември (11:00 часот), а ждрепката ќе ја пречека од третиот шешир.