Чирковиќ: Добивме поволна група, но мојот ростер е краток и мораме да се засилиме

Екипата на Еурофарм Работник со двете победи над швајцарски Берн испиша клупска историја и во своето премиерно издание во ЕХФ Купот се избори за европска пролет, односно групна фаза. 

Битолчани во групата ќе се судрат со Хановер, Татабања и Нексе Нашице, а стратегот Ѓорѓе Чирковиќ за Gol.mk ги искажа своите први импресии од противниците и ги откри амбициите на клубот. 

„Мојот прв впечаток е дека добивме поволна група, бидејќи сите знаeме дека можевме да се судриме со многу помоќни екипи, но тоа не значи дека ќе ни биде лесно. Хановер оваа сезона игра одлично во Бундеслигата, Татабања е предводена од унгарскиот селектор и пред извесен период го совлада Веспрем, а исто така и Нексе во одлично светло се претставуваа оваа есен и му прави проблеми на ППД Загреб во домашниот шампионат“, вели Чирковиќ. 

Српскиот стратег смета дека пред него и неговите ракометари претстои многу важен период, а вели дека неговиот ростер е многу краток и неопходни му се нови имиња. 

„Сега пред нас е најважниот период, односно нашиот успех во ЕХФ ќе зависи од како ќе ги одработиме преостанатите два месеци. Ни се отворија нови три „фолдери“, знаеме каде ќе гостуваме и затоа мораме да направиме план како да ги дочекаме овие мечеви. Мораме максимално да се подготвиме за овие настапи, а во јануарскиот подготвителен период ќе треба да дадеме сè од себе за што подобро да го синхронизираме тимот. Сепак, морам да признам дека нашиот ростер е краток, и доколку не го засилеме оваа зима сигурно нема да можеме соодветно да се подготвиме за историските натпревари“, додава тренерот на Еурофарм. 

„Фармацевтите“ доминираат оваа сезона во домашниот шампионат и со скор од девет победи и едно реми убедливо го чуваат лидерското место на табелата.