Четврти триумф во низа за Еурофарм Пелистер 2 во Суперлигата

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 фати залет и успеа на гостински терен да слави над Прилеп (24-30), резултат кој е четврта победа во низа во рамки на македонската ракометна Суперлига. Со оваа серија тимот на Јовиќ се наоѓа на второто место, со ист број на бодови како Еурофарм Пелистер, единствениот тим од кој загуби оваа сезона. 

Избраниците на Александар Јовиќ одиграа уште еден перфектен натпревар и заслужено се радуваа на триумфот. По Бутел, Металург и Пролет, падна уште еден ривал со далеку поголемо искуство, предводен од поранешниот пелистерец Горан Кузманоски.

Натпреварот во салата во Прилеп почна израмнето. Двата тима беа резултаски близу се до 10-12, кога Еурофарм Пелистер 2 фати залет. Пред финишот на полувремето Ѓукиќ и браќата Атанасијевиќ, потпомогнати од Цветан Кузманоски, режираа серија од четири гола во низа, па битолчани обезбедија комотна предност на паузата (10-16). Во второто полувреме Прилеп константно бркаше негатива, ама ниеднаш не се закани сериозно дека може да ја поништи посакуваната победа на гостинот. Разликата која стоеше на семафорот беше константно над пет гола.

  • Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2: 

Одличен кај младите пелистерци беше Павле Атанасијевиќ со седум гола, пред Димитриоски, Ѓукиќ и Кузманоски кои имаа по пет реализации, додека кај Прилеп, одлична партија запиша ветеранот Реваз Чантурија со 12 гола.