• Саше Љолес

Македонската ракометна репрезентација до 20 години не успеа да ја совлада Австрија во последниот натпревар од групната фаза на Европското првенство. Нашите надежи ремизираа со конечни 20-20, што значи дека ја завршуваме групата А на втората позиција, без пласман меѓу осумте најдобри на континенталниот собир. Нашите репрезентативци ќе разигруваат за конечен пласман меѓу 9. и 16. место.
Австрија за нијанса подобро го започна првото полувреме и во неколку наврати имаше предност од два и три гола, но нашите момчиња не му дозволија на ривалот премногу да се „одлепи“ и постојано се одржуваа во пристојна негатива. Кон крајот на првите триесет минути избраниците на Раде Стојановиќ заиграа малку подобро и Узунчев и Белистојаноски на паузата се изборија за минимална негатива (11-10).
Во вториот дел бевме сведоци на многу посериозен пристап од македонските ракометари. На стартот се играше „гол за гол“, но потоа успеавме и да го преземеме водството во периодот околу 43. минута (14-15). Битката се разгоре, влогот беше голем, затоа што победникот од овој дуел имаше загарантирано место во четвртфиналето.
Во следната минута поведовме и со 14-16, па нашите надежи полека сфаќаа дека можат да стигнат до толку посакуваната победа. Австрија делуваше малку дезорганизирано во овие моменти, додека Македонија „леташе“ на крилјата на Димитар Узунчев, кој беше во добар ритам и ја предводеше нашата селекција.
Во 51. минута имавме водство од 16-17, но потоа Австрија успеа да израмни и навести неизвесна завршница. Ривалот заигра подобро во овие минути и успеа повторно да дојде во водство (18-17), но и Македонија не се предаваше лесно и влезе во резултатската „вртелешка“. Резултатот во 57. минута гласеше 19-19, а потоа и 20-20 на шеесет секунди до крајот. Двете селекции не ги искористија последните напади и на крајот натпреварот заврши со истиот резултат.
Најефикасен кај нашата селекција беше Димитар Узунчев со осум гола, а одлични беа и Шулески и Белистојаноски со по пет погодоци. Иван Галевски на голот собра петнаесет интервенции. Нашите ракометари и стручниот штаб не беа најзадоволни од делењето на правдата на овој клучен натпревар во групниот сегмент.