„Четири месеци пауза е голем ризик за професионален ракометар...“

Крајот на сезоната во Полска му овозможи радост на Киелце, кој беше прогласен за шампион. Пандемијата предизвика незадоволство кај останатите екипи, меѓу кои беше и Висла Плок, која се бореше за титулата.

Тренерот Чави Сабате кажа свое мислење околу начинот на кој што беше завршена сезоната и тренинзите на професионалните ракометари во овие тешки услови.

„Веста не беше примена добро во рамките на клубот, сметаме дека не станува збор за фер одлука. Јасно е дека во овие времиња е тешко да се донесе каква било одлука. Сакаме да победиме или изгубиме на теренот секогаш кога е можно. Мислам дека ние сме единствената лига која практикува плеј-оф во која регуларната лига не заврши и еден тим е прогласен за шампион.

Не престанавме да тренираме и покрај суспендирањето на Лигата на шампионите. Не знаевме што може да се случи и продолживме да тренираме индивидуално според регулативата на полската влада за да ја подготвиме двомечот против Веспрем. Јасно е дека професионален играч не може да тренира како аматер, четири месеци неактивност во однос на ракометот за професионален играч е многу. Сметаме дека ризикот од повреда е многу голем, и бидејќи не престанавме со тренинзи и веќе се отворени спортските капацитети, продолживме со тренинзи за да спречиме можни повреди“, изјави 43-годишниот Шпанец за шпанскиот медиум „Balonmano actual“.

Висла Плок беше на второто место на табелата пред прекинот, со три бода, но и натпревар помалку од лидерот Киелце. Токму поради ваквата ситуација клубот не беше задоволен од одлуката на ракометната федерација.