Четири гола на Лазаров, нов шок за Нант во Франција

Македонскиот капитен Кирил Лазаров и неговиот Нант доживеаја нов шок во Франција и во најдобрата лига поразени се вторпат по ред.

По поразот од Ним, екипата на Нант на домашен терен беше апсолутен фаворит против Аикс, но и во овој натпревар не успеа да победи (28-29). Со овој пораз Нант направи чекор назад во битката за местото кое води во Лигата на шампионите.

Лазаров го заврши мечот со четири постигнати гола, а најдобар стрелец беше Валеро Ривера со седум гола, пред Ниокас со шест. Кај Аикс најмногу се истакна Мине со пет гола.

Нант во наредното коло го чека клучниот дуел во шампионатот, кога гостува кај Монпелје, второпласираниот тим во Лидл Старлигата. И двата тима имаат по 35 бода, а победникот ќе направи голем чекор напред кон Лигата на шампионите.