Червар во проблеми: Четири клучни играчи под знак прашалник за ЕП

Поранешниот тренер на Металург и селектор на македонската репрезентација, Лино Червар, пред претстојното Европско првенство се соочува со проблеми. Тој во селекцијата на Хрватска не знае дали ќе може да смета на капитенот Домагој Дувњак, екс вардарците Лука Циндриќ и Игор Карачиќ и пивотменот Жељко Муса. 

Тоа би бил сериозен удар за Лино и „коцкестите“, бидејќи тие се клучни играчи во обидот да се освои ново одличје на Европско првенство. Селекторот во разговор со локалните медиуми се пожали дека никогаш немал среќа да отпатува со комплетна екипа.

„Никогаш не сум бил комплетен. Ниту на првенствата порано, дури ни во Атина, потоа не беше Чупиќ, па Дувњак, Циндриќ. Еве и сега добив лоши информации", започна Червар. 

Минатиот континентален собир во првото коло се повреди Дувњак, а лани на Мундијалот добар дел од натпреварите не ги одигра Циндриќ. Среќа за селекцијата беше одличната година на Карачиќ кој се истакна и со капитенот ја водеше Хрватска. 

Дувњак се повреди во Бундеслигата пред повеќе од две недели и можеби ќе треба да оди на операција, а поранешните вардарци имаат мали повреди кои треба да се утврдат. Червар смета дека Дувњак ќе се врати на време за натпреварувањето. 

„Го знаеме сите Домагој. Тој е таков, прав лидер. Ако има барем мала надеж дека може да излезе на теренот, тој ќе го направи тоа.

Се чув и со Лука. Тој исто така е со болки, но ќе оди на детални прегледи и ќе знаеме повеќе. Кара доби удар во ребра, а веќе имаше проблеми со тоа во минатото", заврши Лино. 

Селекторот на хрватската репрезентација ќе прозива некаде за две недели, но претставниците од германското првенство ќе се приклучат на екипата дури после Нова Година.