Червар: Тука ќе биде крајот на мојата кариера, Пелистер ќе биде над сѐ!

Еден од најтрофејните ракометни стратези во Европа, Лино Червар, и официјално пристигна во Битола каде беше промовиран како нов тренер на Еурофарм Пелистер. Во амбиентот на Културно информативниот центар во Битола, легендарниот хрватски тренер ја презентираше својата визија и планови за работа, со јасна цел, враќање на битолскиот клуб на врвот во македонскиот ракомет и создавање конкурентен тим на европска сцена.

„Чест ми е да работам во Битола, град со огромна ракометна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и тука ќе биде крај на мојата кариера. На сè доаѓа крај, а крајот е најубав во градот каде ракометот е религија. Има луѓе кои сакаат спорт, да го работиш она кое го сакаш е најголемата среќа на човекот. Видов дека постои желба кај луѓето од Битола да дојдам и го прифатив тоа.

Поздрав за сите поранешни тренери, играчи кои играле за Еурофарм Пелистер, клуб кој за мене е најголемото ракометно име во Македонија. Имам тешка задача, конкуренцијата е голема, ама мораме да размислуваме позитивно. Мора да ги пофалиме конкурентите, Вардар кој се „разбуди“ и оди со крупни чекори, потоа и Охрид кој освои европска титула, мора да бидеме пријатели и да соработуваме, ама да има и борба.

Македонија е мала земја, мора сите да бидеме едни за други, ама кога ќе играме, се знае што треба, како што јас велам, Еурофарм Пелистер над сè. Само еден тим, само еден град, само Битола. Тоа ќе биде во глава и така ќе ја тренирам екипата заедно со сите мои помошници и асистенти. Ние сме едно семејство, ќе дадеме сè од себе и да ја оправдаме довербата“, изјави Червар.

Еурофарм Пелистер во новата сезона на домашна сцена влегува како вицешампион, додека во Европа ќе настапи во групната фаза од второто по ранг натпреварување на ЕХФ, Европската лига.