Червар со страствен говор: Добивме држава, ама имаме сѐ помалку деца!

Селекторот на Хрватска, Лино Червар, на дочекот на плоштадот во Загреб по освоеното сребро на ЕП 2020, имаше емотивно обраќање пред јавноста. Трофејниот тренер ги пофали своите ракометари, а воедно испрати и мотивирачка порака за јавноста.

„Драги загрепчани, горд сум што со страст и љубов ја водев нашата репрезентација. Благодарен сум на оваа генерација, која покажа неверојатно заедништво. Се радувам дека овде гледам многу млади ликови. Затоа апелирам до родителите, водете ги своите деца и помогнете им кога им е тешко. Молба и до децата, бидете благодарни на вашите родители и кажете им благодарам за се. Нема нешто што може да ни го одземе семејството. Борете се за семејството, тоа е главна вредност во животот. Моите дечки покажаа како да се бориш кога е најтешко. Сакам да кажам уште нешто. Добивме држава, ама имаме се помалку деца. Потребно ни е заедништво, секој ден. За повторно да бидеме во иднината, мора да ги почитуваме универзалните вредности, а тоа се вистината, праведноста и љубовта“, кажа Червар.

За Лино Червар ова беше десетти медал во кариерата со Хрватска. Досега тој го нема освоено само Европското првенство, затоа што има три загубени финалиња. Покрај оваа година, тој загуби и во 2008 и 2010 година.