• Мартин Танасковски

Еден од најтрофејните тренери во европскиот ракомет, хрватскиот стратег Лино Червар, говореше за неговата смена во Хрватската ракометна федерација (ХРС) по настапот на Светското првенство (СП) на кое „каубоите“ разочараа.
Човекот кој е алфа и омега во хрватскиот ракомет, Зоран Гобац, ги разреши селекторот Хорват, заедно со него настрада и Лино Червар како координатор, но искусниот стручњак не може да ја преболи смената.
„Не сум стар, сега сум опкружен со пензионери, но се чувствувам младо. За жал, залудни ми се целото мое знаење и резултатите кои стојат зад тоа знаење кога некои луѓе одлучија дека тоа не им е потребно. Токму кога како координатор поставив состав кој во иднина ќе дадеше резултати, ме сменија. Токму кога почнавме да работиме заедно, во сите категории и со сите тренери, не знам зошто, одлучија да ме сменат. Мислам дека тоа не го заслужив, сепак, зад мене нешто стои.
Сите ми свртеа грб, тоа не го заслужив. Барав некој да ми објасни зошто тоа се случи, но немам одговори. Би сакал некој од одговорните да ми каже зошто е тоа така. Се сеќавам на многу неправди во животот, бев критикуван и кога освојував сребрени медали. „Зошто не е злато?“, ме напаѓаа со тие зборови. Нема никогаш да зборувам против колегите, тоа не е мој стил. Нема да удрам по Голужа, Бабиќ, Хорват, ете сега Перковац, но прво по моите злата и сребра освоивме бронза, а сега го немаме ниту тоа. Повторувам, сите мои наследници дадоа и даваат се од себе, ама статистиката не може да се избрише. И после се, јас пак не сум добар“, изјави Червар за „Јутарњи“.
Хрватската репрезентација заврши на деветтото место на СП 2023, а лошо почна и мандатот на новиот селектор Перковац, со пораз и реми против Холандија. Со ремито со „лалињата“ во Осијек, Хрватска првпат не победи дома на квалификациски натпревар за едно Европско првенство.