Червар: Ракометот со вакви правила не заслужува да е на ЛОИ 2028!

Најтрофејниот хрватски ракометен стратег Лино Червар јавно изрази сериозна загриженост не само за состојбата во репрезентативниот ракомет, туку и за иднината на самиот спорт, посочувајќи дека актуелните правила и начинот на нивна примена го нарушуваат основниот принцип – праведноста.

Искусниот тренер смета дека доколку во најскоро време не дојде до суштински промени, ракометот ризикува да ја загуби својата кредибилност на највисоката светска сцена, вклучително и настапот на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.

„Ако правилата наскоро не се променат, мислам дека ваков спорт и не заслужува да биде дел од Олимписките игри во 2028 година. Причината е јасна – судиите не ја делат правдата. А правдата мора да биде основа на секој спорт,“ истакна Червар.

Тој нагласи дека Хрватска не е единствената репрезентација која се почувствувала оштетена, туку дека станува збор за поширок проблем што го погодува европскиот и светскиот ракомет.

„Ние тоа го почувствувавме на сопствена кожа, но и други селекции. Потребно е да се направи нешто за да не може влијание од страна да има врз правилата и судиските одлуки. Вака поставениот систем само ги мотивира луѓето да вршат притисок, а тоа директно влијае врз судиите и ја нарушува рамноправноста на натпреварите,“ додаде тој.

Червар не го поштеди ниту начинот на кој се користи технологијата и комуникацијата со публиката за време на натпреварите, оценувајќи ја како застарена и несоодветна за модерниот спорт.

„Овој ‘шоу-момент’ кога судијата ѝ објаснува на целата сала што досудил ми е навистина смешен. Тоа е назадна технологија, нешто што се правело пред 50 години,“ рече искусниот стратег.

Посебна критика упати и на организацијата на последното Европско првенство, кое според него изобилувало со сериозни пропусти.

„Организациските проблеми на Европското првенство беа неверојатни, но тоа е посебна тема. Играњето натпревари ден по ден, со помалку од 24 часа одмор, е апсолутно недозволиво и опасно за здравјето на играчите,“ заклучи Червар.

Зборовите на трофејниот Червар кој остави голема трага во ракометна Македонија повторно ја отворија дебатата за потребата од реформи, со цел спортот да ја задржи својата фер-плеј суштина и довербата кај играчите, тренерите и навивачите.