Червар: На тренинг патуваме покрај шест оклопни возила, како да одиме во војна

Хрватската репрезентација во првиот натпревар на Мундијалот во Египет се соочи со репрезентацијата на Јапонија. 

„Каубоите“ на Лино Червар несомнено беа фаворити да ги запишат првите бодови во групната фаза. Хрватскиот селектор зборуваше за медиумите по мечот и откри што мисли на тврдењата дека неговиот тим е меѓу главните фаворити за највисок пласман.

„Кога одиме на тренинг со шест оклопни возила, тоа е како да одиме во војна, а не на натпревар. Никогаш не сум бил дел од вакво натпреварување.

Ова е посебна ситуација, сè е различно, некои се болни, некои тренираа помалку, некои повеќе, многу е дискутабилно како националните тимови се подготвуваа воопшто. Затоа не би предвидувал ништо околу фаворитите. Тој што ќе се прилагоди подобро на ситуацијата, ќе биде успешен на крајот. Играчите не треба да бидат оптоварени со такви работи“, вели искусниот стратег.

Хрватите речиси секое големо натпреварување го започнуваат со победа. Меѓутоа не беше таков случајот оваа година, кога ремизираа со Јапонија во првото коло.