Червар: На реваншот во Битола ќе биде поинаку

Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер претрпе пораз од Гумерсбах со 38-28 на гостувањето во Германија, во натпревар од третото коло во Европската лига на ЕХФ. Битолчани успеаја да му парираат на германскиот состав во почетните петнаесетина минути, но грешките во завршницата на првото полувреме му овозможија на домаќинот да се одвои резултатски и да создаде значителна предност.

Тренерот Лино Червар, призна дека неговиот тим се соочил со тежок предизвик.

„Бевме спремни на многу тежок натпревар. Во првите петнаесет минути бевме рамноправни, но особено во второто полувреме Гумерсбах го покажа целиот свој квалитет. Сосема е нормално дека кога ќе го прикаже сиот свој потенцијал на теренот, тогаш е и подобриот тим. Се надевам дека на реваншот ќе одиграме поинаков натпревар“, рече Лино Червар.

Следи едномесечна пауза во Европската лига, На битолчани им преостанаа домашните натпревари со Гумерсбах и Вибржеже Гдањск и гостување во Логроњо.