Червар: Мене ме распнавте за сребрен медал, а Сигурдсон не знае ниту да постави одбрана

Поранешниот селектор на хрватската и македонската репрезентација, Лино Червар, упати остри критики за актуелниот предводник на „каубоите“, Дагур Сигурдсон, кого го обвини за очајниот настап на Олимписките игри во Париз. 

Трофејниот Червар е разочаран од резултатите на Хрватска и рече дека селекторот прикажал големо незнаење кое резултирало со рана елиминација, уште во групната фаза. 

„Хрватска има неколку одлични поединци, но најлошо е тоа што немаме победнички менталитет. Немаме течна игра и тоа е веднаш видливо на теренот. Цел живот зборуваме дека тренерите што не знаат да постават одбрана се лоши тренери. 

Сигурдсон е солиден стратег, но е далеку од врвен во својата работа. Гледам дека коцките се наместени за негово останување во националниот тим, но не сум сигурен дали тоа е правилна одлука. Мене ме „распнаа“ за освоен сребрен медал, а нему му даваат доверба и покрај овој очаен резултат“, изјави Червар за хрватските медиуми.

Хрватска не успеа да ја мине групната фаза на Олимписките игри и се врати од Париз со само две победи, една над Германија и уште една над аутсајдерот Јапонија.