Червар: Македонците ми дадоа државјанство, но ме оштетија во финалето...

Червар

Лино Червар имаше време да ги впие сите емоции од Европското првенство и поразот со Хрватска во големото финале против Шпанија во Стокхолм.

Но, ниту времето не го премисли искусниот стратег кој верува дека македонските судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, го оштетија неговиот тим во финалната пресметка.

„Моите играчи се херои. Ние сме морални победници. За жал, тоа не беше првото финале на кое сме оштетени. Жалам за моите играчи кои пуштија многу солзи во соблекувалната.

Сега ми е страв дека после едно вакво судење на финале на Европско првенство истото може да се случи и во квалификациите за Олимписките игри, па да немаме можност да го гледаме Токио.

Сум добил принанија во три држави. Македонците ми дадоа државјанство, а еве сега ме оштетија во финалето“, вели 69-годишникот.

Причина за оваа изјава на Червар беа досудените чекори од страна на нашиот арбитар Начевски во последните секунди од мечот. Игор Карачиќ беше во напад кога заборави да ја топне топката и на крај оправдано истата му беше одземена.

Хрватите одново не успеаја да го освојат европското злато, кое им недостига во богатата колекција успеси во последните две децении.