Червар: Лангаро, лошата одбрана, повредата на Циндриќ..., премногу проблеми за да не загубиме

Gol.mk на Светско првенство во ракомет 2019

Поранешниот македонски селектор, а сега предводник на Хрватска, Лино Червар се наоѓа на удар на хрватската јавност по поразот од Бразил со 32-30, попладнево во Келн. Неговата тактична промена на дефанзивата максимално ја искористија Бразилците и постигнаа серија на лесни голови за доминација, постојана предност и лесно освоени бодови.

Стручњакот од Умаг по завршувањето на натпреварот го призна тактичкиот пораз, но и несреќниот сплет на околности кои доведоа до првиот мундијалски неуспех.

„Знаевме дека Лангаро е клучен ракометар на Бразил и не го сопревме цел натпревар. Ни создаде многу проблеми во нападот и не само заради постигнатите голови. Исто така важен момент за денешниот пораз е што нашиот најголем адут на шампинатот, одбраната, денес не функционираше. Циндриќ поради повреда не можеше да ни помогне и сè тоа собрано ни донесе многу повеќе проблеми отколку што се надевавме. Сакам да им се заблагодарам на моите ракометари кои се вратија, имавме шанса за реми, но со толку многу грешки, не може да се остане непоразен“, рече Червар.

Хрватскиот селектор вети максимално залагање за подобрување на ланското петто место на Европското првенство во Загреб, но „каубојите“ со овој непланиран пораз се вратија два чекори назад во обидот да изборат полуфинале.

Пред две години со Бабиќ на клупата, Хрватска беше четврта на Светското првенство во Франција.