Чантурија: Прилеп заслужува да тренира и игра во „Универзална сала“

Во новата ракометна сезона суперлигашот Прилеп единствен ќе има играч-тренер на клупата. Легендарниот Грузиец, Реваз Чантурија го наследи Горан Кузманоски и ќе ја води екипата, почнувајќи тренерска кариера.

Поранешниот ракометар на Пелистер и Металург за својата одлука за локалните медиуми изјави:

„Се консултирав со моите пријатели, поранешни ракометари и одлучив да ја прифатам понудата на претседателот Александар Мариноски. Имаме многу млада екипа и цел ни е опстанок во лигата. Но, мојата филозофија е на секој натпревар да играме на победа“.

Објектот кој од 1973 година наваму е повеќепати предаван во употреба, а и денес, сепак, не работи – „Универзалната сала“, пак е споменуван како иден дом суперлигашот Прилеп.

„Нашата „Универзална сала“ е ракометен храм, исто како во Битола што ја имаат салата „Боро Чурлевски“, како во Скопје што Вардар ја јма „Јане Сандански“ или Металург својата „Автокоманда“. Прилепската Универзална сала ја има традицијата, таму и некогашниот Тутунски комбинат играше. Таму се уживаше, беше полно публика. Овие школски сали се опасни за повреди на тетивите, лигаментите, колената…Прилеп заслужува да тренира и игра во „Универзалната сала“, рече Чантурија.

 Екипата веќе десет дена тренира во вежбалница, на отворено и затворено, во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“. Прилеп се засили со Пеце Ѓорѓиески од Струга, а потписи за останување ставија Христи Бикоски, Марио Гичев.