• Мартин Танасковски
Македонскиот претставник во Европскиот куп на ЕХФ, ЖРК Чаир, доживеа висок пораз од Наиса Ниш (26-41) во првата средба во Скопје и реваншот во Ниш кој ќе се игра следната седмица ќе биде само формалност.
Далеку поквалитетниот противник во СРЦ „Кале“ беше доминантен и заслужено дојде до победата. Разликата во класи на терен беше евидентна, а уште од почетокот до крајот гостинот беше тој што ја имаше предноста.
Првото полувреме горе-долу беше добро за чаирчанки, затоа што на паузата имаа два гола негатива (15-17), но во второто полувреме се распаднаа. За само десет минути разликата порасна двојно (18-22), во елемент беше македонската репрезентативка Симона Стојановска која стрелаше во дресот на Наиса, за потоа да следат уште пет гола во низа, за предност од 18-27 на гостинот.
Со голот на Шукур, Наиса Ниш поведе двоцифрено на 15 минути пред крајот (20-30) и ниту еднаш не ја испушти високата предност до финишот. До крајот, победата на српскиот тим достигна 15 гола разлика.
Двете македонски репрезентативки Симона Стојановска и Ивана Гакидова имаа солиден ден за Наиса Ниш. Комбинираа шест гола - 5/6 Стојановска и 1/1 Гакидова. Најдобра беше Филиповиќ, со 10/10. Кај Чаир прво име беше Анастасија Николовска со 12 постигнати гола.
Реваншот во Србија е закажан на 17 октомври.