Чаир доцна се разбуди и од Словенија се враќа со пораз од Ајдовшчина

Ракометарките на Чаир забележаа пораз од 27-24 на првиот натпревар од воведното коло во ЕХФ Купот од словенечкиот претставник, Ајдовшчина, но остави добар впечаток има свои опции пред реваншот следниот викенд во Скопје.

Домашните ракометарки уште од првата минута наметнаа силно темпо на игра, за кое македонскиот тим немаше решение. Набргу предноста на Ајдовшчина  се искачи на три гола (5-2), а како се ближеше полувремето, така растеше водството на словенечкиот тим, за на пауза да се замине со 17-11.

Ракометарките на Чаир својот најдобар ракомет го одиграа на стартот од вториот дел, во кој ги казнуваа сите грешки на домаќинот и со серија од 1-4 намалија на 18-15. Ајдовшчина најде начин како да го сопре налетот на противникот и одново воспостави контрола на паркетот. Следуваше период во кој се играше гол за гол, за на крај Ајдовшчина да запише победа од три гола разлика (27-24).

За победничкиот тим се истакнаа Барукчиќ со седум и Бајц и Тревен со по четири гола, додека Дамчевска со седум и Николовска со пет беа најпрецизни за Чаир. Реваншот во Скопје е закажан за седум дена.