Целта е остварена: Македонија ќе игра бараж за СП 2019!

Женската македонска ракометна селекција ја оствари целта и ја мина првата квалификациска фаза за пласман на Светското првенство (СП) кое во 2019 ќе се игра во Јапонија. Во третиот меч, девојките извојуваа трета победа, над Турција, со 23-30 (8-13).

Уште од почетокот на мечот избраничките на Симовски ја зедоа контролата на играта и ниту еднаш не ја испуштија. Турција цело време бркаше резултат, но не го загрози водството на Македонија, која ги доби сите три меча на домашен терен.

На стартот нашиот национален тим се одлепи на 1-3, Турчинките многу грешеа и тешко ја пробиваа нашата одбрана, што донесе константна предност за нашиот национален тим. Водството за Македонија се движеше од два до три гола, а потоа се поведе и со 8-12. Елена Ѓорѓиоска даде одличен погодок за прва предност од пет гола (8-13), а пред финишот на првиот дел, Ристовска реализира пенал и за +6 (10-16).

Во 40. минута од мечот, Македонија и понатаму водеше високо (14-20), пред се затоа што Драгана Петковска врза неколку одбрани и сервираше топки за нападот. Во наредните минути Турција даде отпор, се подобри во одбраната и намали на четири гола негатива (21-25), но Македонија не остави ништо на случајноста, па со ефикасна игра го реши дуелот.

Најдобра во составот на Македонија беше Ристовска со осум, додека Саздовска додаде шест гола. Голманката Петковска забележа осум интервенции, додека Серафимова заврши со две одбрани. Нашата најдобра женска селекција вторпат по ред ќе игра бараж за пласман на еден Мундијал. Противникот ќе биде познат пред крајот на Европското првенство (ЕП) кое е во тек, а ќе се дознае на ждрепка.