Целје се надоврза на мизерната сезона на ППД Загреб и стигна до деби победа во ЛШ

Целје Пивоварна Лашко го доби дуелот на фенерџиите во групата Б и славеше на гостувањето кај ППД Загреб (22-30).

Хрватскиот првак продолжи да се мачи и да реди лоши резултати на европска сцена. Избраниците на Томаж Оцвирк пак запишаа први бодови во групната фаза и стигнаа до деби победа во новата сезона.

Почетокот не најавуваше ваков исход на крајот. „Плинарите“ први се одлепија и стигнаа до 5-1. Меѓутоа потоа паднаа во одбраната и дозволија противникот да го преземе водството и со предност да замине на пауза.

Клучниот период се случи на стартот од вториот дел. Целје постигна осум, а прими само два гола, па си го отвори патот кон рутински завршница. 

Маргуч со седум и Лебан со шест погодоци се истакнаа кај гостинската екипа.