• Мартин Танасковски

Екипата на Алкалоид рутински ја одработи новата суперлигашка задача и славеше над Радовиш (45-25) во натпревар во кој домаќинот имаше доминација од почетокот до крајот во рамки на Суперлигата.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Радовиш:
Тимот од Автокоманда водеше цел дуел и евидентна беше разликата со ривалот кој е фенерџија во македонскиот ракометен шампионат, без ниту една победа. Тренерот Кирил Лазаров им даде шанса на сите ракометари во ростерот, а сите постигнаа и голови, со исклучок на голманите.
Само седум минути Радовиш беше близу до Алкалоид, кога резултатот гласеше 8-7. Потоа домашните влегоа во серија, голманите влегоа во ритам, тоа донесе 23-15 на паузата. Во вториот дел разликата само растеше и се зголемуваше, за на крајот да изнесува дваесет гола разлика.
Најдобар стрелец кај Алкалоид беше капитенот Игор Ѓорѓиев со шест гола, пред Александар Петковски со пет реализации, додека кај Радовиш, Васе Петров, Здравко Постолов, Томче Трајчевски и Славе Јанковски имаа по пет гола. Одличен на голот на Алкалоид на овој меч беше голманот Ѓорѓи Николовски кој забележа 18 одбрани.

