• Зоран Мишевски

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер обезбеди уште едно важно име за следната сезона. По продолжувањата на договорите со Радивојевиќ и Манасков, следната сезона зелено-белиот дрес ќе го носи и Нејц Цехте.
32-годишниот Словенец ќе остане во тимот и ќе игра заедно со сонародниците Хагеман и Тајник.
„Со потврдување на ростерот од минатата сезона и доведување на квалитетни новајлии, полека се комплетира Еурофарм Пелистер за сезоната 2025/26. Ни претставува задоволство што некои од нашите професионалци се пронаоѓаат и подолго во нашата шампионска средина. Десниот бек на словенечката репрезентација, Нејц Цехте, го продолжи договорот со нашиот клуб на уште една сезона. Така Цехте наскоро ќе ја започне третата сезона во Македонија, откако во 2023 година дојде од Скандинавија“, се вели во соопштението на Еурофарм Пелистер.
Нејц Цехте е стандарден репрезентативец на Словенија со околу стотина настапи во дресот со државниот грб. Својата професионална кариера ја градеше во Горење (Словенија), Хановер (Германија) и ГОГ Гудме (Данска). Со Еурофарм Пелистер освои две шампионски титули, а во претходните две европски сезони постигна педесет погодоци (16 гола во сезоната 2024/25 и 34 гола во сезоната 2023/24).
На позицијата десен бек во следната сезона Еурофарм Пелистер пак ќе има тројца ракометари: Хосни, Цехте и Видомски, кој дојде на местото на Петровиќ.







