Цехте: Алборг ќе види што е вистинска публика и атмосфера, верувам дека можеме да победиме!

Еурофарм Пелистер ќе го дочека Алборг во последното домашно коло во рамките на Лигата на шампионите. Битолчани и натаму се без победа, а и на овој дуел во „Боро Чурлевски“ важат за аутсајдер. 

На официјалната прес-конференција во пресрет на натпреварот со Данците, се обрати бекот Нејц Цехте, кој кажа:

„Јас и целиот тим едвај го чекаме натпреварот. Ова ќе биде празник на ракометот, да покажеме дека можеме да се носиме со најдобрите. Нормално е дека посакуваме победа, а верувам дека можеме до неа в среда. Мислам дека Алборг се мачи кога ривалот игра цврста одбрана и жаргонски кажано „ги тепа“. Треба да не им се дозволи скандинавски и лесно да ги решаваат нападите. Тие загубија финале во Купот од ГОГ, во кој не можеа да ги исполнат своите замисли. 

Скандинавскиот ракомет е потпрен на трчање, топката да оди што побргу, со игра еден на еден и сила во финишот. Првиот меч дозволивме да влеземе во нивен ритам, а сега мислам дека нема да биде така. Ќе видат како е да се игра преку вистинска публика. Тоа не им е познато, стилот на навивањето е целосно различен, па тоа мислам дека ќе биде наш адут. Во моментов Алекс Влах се пронајде добро, но и младите Данци излегуваат во прв план. Хансен можеби не е истиот како пред неколку години, ама и натаму е врвен ракометар. Мора да изградиме стил со контакт, бидејќи тоа не им одговара“, изјави Цехте. 

Натпреварот меѓу пелистерци и Алборг се игра в среда во вечерниот термин во 20:45 часот. Одново во битолската сала се очекуваат полни трибини и голема поддршка за македонскиот првак.