• Иван Димовски
Ракометарките на ЖРК Вардар иако беа поуморни од ривалките, пружија силен отпор и до последните секунди беа во трка за трофејот во Купот на Македонија. Сепак, Куманово третпат се радува во финалињата, откако ја доби драмата во Охрид.
По натпреварот, предводникот на вардарки Александар Царчев се пожали на форматот на Купот. Тој посочи дека неговите девојки играле доцна синоќа, а денес повторно, што не е фер и според него треба да има ден пауза како кај мажите.
„Сакам да им честитам на противниците кои заслужено победија. Сепак, вреди да се напомене, јас разговарав и со претседателот на РФМ, Живко Мукаетов. Не беше фер ваквиот формат на турнирот, требаше и дамите како мажите да играат со ден пауза. Ние игравме вчера во терминот од 20:00 часот, па 15 часа подоцна повторно.
Имавме исклучително тешко полуфинале, додека противникот дојде свеж. Не им замерувам ништо на девојките. Сметам дека заморот беше пресуден, промашувавме шанси, а иако не е фер - тоа е спортот, ако не дадеш, ќе ти дадат гол. Промашивме доста зицери, тоа ми беше знак за доказ на заморот. Се обидовме да ја смениме зоната, меѓутоа не можевме. Вториот дел тргна добро за нас, направивме кам-бек. Свикав тајм-аут и побарав да се одбраниме, да дадеме гол и да го префрлиме притисокот врз Куманово. За жал, не успеавме на крајот“, изјави Царчев.
Кумановчанки до третиот трофеј во Купот дојдоа и третпат победувајќи го Вардар во финалниот натпревар.