• Саше Љолес
Македонскиот суперлигаш Бутел Скопје ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната со 20 ракометари кои ќе бидат на располагање на тренерот Горан Кузманоски, откако екипата зимава ја напуштија Цветковски, Бошковски и Јовевски.
Бутелчани ќе одиграат пет контролни средби пред последните шест кола од регуларниот дел на сезоната. На Меморијалниот турнир „Горан Ченгиќ“ во Сараево, македонскиот тим ќе биде сместен во групата А, каде за противници ќе ги има домаќинот Босна, Марибор и црногорскиот Рудар Плевља. Овие мечеви се закажани за периодот меѓу 17 и 19 јануари.
По враќањето во Скопје, Бутел ќе одигра уште една контролка против екипата на Врање, а почетокот на Суперлигата на програмата го носи натпреварот со Прилеп на гостински терен.