Бутел со две мини-серии го освои Прилеп и се зацврсти на третото место

Екипата на Бутел Скопје со две мини-серии дојде до победа на гостувањето кај Прилеп (23-26) и така ја забележа деветтата победа во Суперлигата по дванаесет одиграни кола, со што се зацврсти на третата позиција.

  • Комплетниот натпревар на Прилеп и Бутел Скопје:

Прилеп даваше добар отпор на почетокот, пред се поради расположениот голман Цинцадзе кој фаќаше топки меѓу стативите, како и расположените шутери во нападот кои најдоа решение за дефанзивата на бутелчани. Домаќинот тргна со предност од 3-1, а мечот беше неизвесен до резултат 8-9, кога Бутел даде три гола во серија преку Мојсоски и се одлепи на 9-12, предност од три гола која остана до полувремето (10-13).

Гостинот од Скопје си ја реши задачата со нови три гола во низа на отворањето на вториот дел. Во мрежата на тимот на Кузманоски погодија Јевтиќ и Мајиќ, за предност од шест гола (10-16) и потоа на Прилеп му беше тешко да игра затоа што беше во позиција во која само бркаше резултат и ниту еднаш не фати приклучок. Најблиску што домаќинот успеа да дојде до ривалот во вториот дел беше три гола негатива.

Најдобар кај стрелците беше Мирко Мајиќ со седум гола, пред Владимир Јевтиќ со шест, додека кај прилепчани Реваз Чантурија и Христијан Милошески стрелаа по пет пати.