• Горан Упале
Ракометарите на Бутел Скопје со сигурна победа ја отворија новата сезона во ракометната Суперлига на Македонија. Момците на Горан Кузманоски ја оправдаа улогата на фаворит против Куманово и со триумфот од 29-12 ги впишаа првите бодови на своето конто.
- Koмплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Куманово:
Дуелот во Автокоманда мина во целосна доминација на домашната екипа. Бутел уште самиот старт наметна силно темпо на игра, кое за кумановчани беше недостижно. На половина полувреме фаворитот веќе се одлепи на убедливи шест гола предност (8-3), додека до крајот водството дополнително се зголеми и на пауза се замина со 14-5.
Во воведните минути од вториот дел се играше поизрамнето. Куманово ги консолидира своите редови и го следеше чекорот на фаворизираниот ривал, но немаше сили да продолжи со исто темпо. Бутел одново завладеа на паркетот и со убедлив финиш стигна до лесна победа од 17 гола разлика (29-12). Дејан Михајловиќ и Филип Николов со по шест гола беа најпрецизни во таборот на Бутел, а за поразениот се истакна Јакимовски со пет гола.
Еден од лидерите на тимот на Бутел до убедливата победа и главен „виновник“ што кумановчани дадоа само 12 гола беше капитенот Бојан Блажески кој се истакна меѓу стативите со 21 интервенција.