Бутел се враќа на евро-сцената, гостува во Луксембург во ЕХФ Купот

Ракометниот клуб Бутел по пауза од три години се враќа на евро-сцената и ќе заигра во првото коло на Европскиот куп на ЕХФ. 

Од понудените опции бутелци веројатно ја добија една од најповолните при ждрепката, со извлекувањето на Дуделанж од Луксембург. Првиот натпревар од двомечот се игра во СЦ „Рене Хартман“ во истоимениот град. Според букмејкерите Дуделанж за првата средба важи за благ фаворит, меѓутоа јасно е дека скопскиот тим има свои математики. 

Горан Кузманоски напорно работеше на подготвувањето на тимот за оваа натпреварувачка сезона. Тимот настапи на турнирот во Струга и играше во финалето, а покажа добри партии во подготовките. Бутел се засили со две странски имиња, дојдоа и младите браќа Трсунови, како и искусниот голман Благојче Трајкоски. Тимот на Кузманоски делува подготвено за двомечот со ривалот од Луксембург. По денешната средба која се игра во терминот од 18:00 часот, реваншот е закажан за следната сабота во истиот термин во Скопје.

Освен Бутел, во ова натпреварување ќе играат Тиквеш и Охрид, но од втората рунда. Кавадарчани ги чека двомеч со турски Бешикташ, додека охриѓани ќе се судрат со Баки од Азербејџан.