Бутел се раздели со пет ракометари и тренерот Грчевски

Eкипата на Бутел Скопје го игра последниот натпревар од овосезонскиот плеј-оф во Суперлигата. Пред својата публика за нови бодови се бори против тимот на Охрид, а овој дуел е посебен за петмина ракометари и тренерот Кристијан Грчевски.

Својот последен натпревар за Бутел го играат голманот Филип Ивановски, левото крило Мирко Мајиќ, кружниот напаѓач Владимир Јевтиќ, како и левите бекови Мартин Манасков и Јовица Младеновски, а по пет сезони клубот го напушта и тренерот Грчевски.

„Натпреварот против Охрид од 14. коло во суперлигашкиот плеј-оф беше последен за петмина ракометари во дресот на Бутел Скопје, како и за тренерот Кристијан Грчевски.

Својот последен натпревар во нашиот клуб го одиграа голманот Филип Ивановски, левото крило Мирко Мајиќ, пивотот Владимир Јевтиќ, како и левите бекови Мартин Манасков и Јовица Младеновски“, се вели во објавата на клубот.

Грчевски цели пет сезони беше на чело на Бутел, клуб со кој обезбеди и историско учество на меѓународна сцена, а неговиот наследник клубот треба наскоро да го обелодени.