• Саше Љолес

Екипата на Алкалоид потешко од очекуваното ја оправда фаворитската улога и го победи Бутел Скопје со конечни 20-23 во финалето од втората група во ракометниот Куп на Македонија. Актуелниот вицешампион немаше баш лесна задача, но на крајот успеа да се избори за пласман на завршниот турнир.
- Комплетниот натпревар помеѓу Бутел Скопје и Алкалоид:
Момчињата на селекторот Кирил Лазаров не го започнаа мечот во посакуваниот ритам и му дозволија на ривалот да рано да го преземе водството. Бутелчани беа силно мотивирани да се прикажат во добро светло и успеаја да ја одржат предност во неефикасното прво полувреме, а на паузата водеа со 11-9.
„Фармацевтите“ очекувано влегоа многу посилно во вторите триесет минути и постепено се враќаа кон првично зацртаната цел, а потоа ја преземаа предноста и имаа три голови предност во 51. минута, 17-20. Во овие моменти жолт картон заработи Кирил Лазаров поради приговор кон судиите и малку се крена тензијата за завршните минути. Бутелчани имаа мотив, делуваа солидно на паркетот и не се предаваа лесно пред фаворитот, но Алкалоид сепак на крајот го покажа квалитетот и заслужено впиша триумф со конечни 23-20.
Прв стрелец кај победничкиот тим беше Мартин Серафимов со девет голови, додека кај Бутел најдобар поединец беше Димитар Ѓеоргиевски, кој запиша шест погодоци зад своето име.









