• Саше Љолес

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја оправдаа фаворитската улога и го совладаа тимот на Бутел Скопје со убедливи 31-21 во натпреварот од 12. коло во македонската Суперлига. Ова е десетта победа за шампионот и тоа со половина сили, бидејќи Гарабаја го изротира ростерот и им даде шанса на сите ракометари. Цехте, Радивојевиќ и Хенегман добија слободно попладне, а повратниците Хаидарирад и Ристевски имаа значајна улога во победата,
- Комплетниот натпревар помеѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје:
Немаше никакви проблеми македонскиот шампион, ја покажа силата уште во првиот дел (16-10), не намалувајќи го воопшто ритамот и во второто полувреме.
Бутелчани залудно се трудеа да го ублажат резултатот, зашто пелистерци имаа неколку расположени играчи (Видомски, Ристевски, Петар Атанасијевиќ - по пет постигнати голови), кои не дозволуваа приближување од ривалот.
Со дополнителните голови на Хакбарт, Тајник и Калајџиоски, домаќинот ја комплетираше ефикасноста во ротацијата, на крајот славејќи со заслужени 31-21. Во редовите на Бутел најдобар поединец беше Димитар Узунчев со шест погодоци, а еден помалку постигна Рио Козакаи.
За Еурофарм Пелистер ова е десетта победа сезонава, додека Бутел го впиша петтиот неуспех во елитното друштво.








