Бутел на рутина го среди „фенерџијата“ во групата Б на Суперлигата

Ракометарите на Бутел Скопје се вратија на победите, откако во рамките на 13. коло од групата Б во Суперлигата славеа против Вардар Неготино на домашен терен со 26-19 (12-7). Фаворитот не дозволи изненадување во салата „Антон Димитров“, рутински го одигра дуелот против „фенерџијата“ на табелата и впиша осма сезонска победа. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Вардар Неготино:

Стартот беше израмнет, неготинчани имаа воведна предност, ама само минимална и неколку минути. Брзо Бутел се подигна и почна да се одлепува, направи разлика од пет гола која успеа да ја зачува до полувремето. На одмор се замина со водство од 12-7 на домашниот тим. 

Во продолжението Вардар Неготино не се предаде лесно, парираше во воведниот сегмент и се држеше на пристоен дефицит. Сепак, одново бутелчани се кренаа и го покажаа својот квалитет. Со неколку гола во низа домашните ракометари се одлепија, поведоа со највисоки осум гола предност и до крајот рутински ја запишаа оваа победа. На табелата бутелчани се држат зад водечките Вардар и Еурофарм Пелистер, па не би требало да имаат проблеми да обезбедат плеј-оф.

Најефикасен играч на средбата беше Ѓорѓи Орешков од гостинскиот табор со седум реализации. Од друга страна, кај Бутел со по пет гола се истакнаа Бојан Спасовски и Филип Николов, додека по четири погодоци запишаа Пејковски и Јефтиќ.