• Иван Димовски

Ракометарите на Вардар 1961 ја забележаа шестата плеј-оф победа, откако го добија мечот против Бутел Скопје со 37-30 (21-13). Средбата се одигра во салата „Антон Димитров“, иако вардарци беа номинален домаќин, а на крајот убедливо го совладаа градскиот ривал.
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Бутел Скопје:
Средбата тргна во знакот на бутелци кои водени од добрата одбрана имаа стартна предност. Водеа момците на Кузманоски најмногу со три гола предност и тоа во два наврати (3-6 и 4-7). Сепак, од тој момент Вардар уфрли во брзина повеќе и направи серија од 7-0 со која го сврте резултатот и стигна до 11-7. Во финишот на полувремето „црвено-црните“ заиграа уште подобро, па на пауза заминаа со високи осум гола предност.
Во продолжението Бутел повеќе немаше решение за играта на фаворитот. Без потешкотии момците предводени од Гиљермо Милано чекореа кон победата, бргу предноста достигна и двоцифрена маргина (23-13), а тоа беше највисоко водство на мечот. Бутел во продолжението успеа да врати неколку голови, но на крајот пак претрпе висок пораз од фаворитот од седум гола разлика.
Најефикасен играч на мечот беше Дмитро Хориха кој постигна седум погодоци, а во Вардар се истакнаа уште Танковски и Лазаревски со попет, додека Пинто и Ќосевски дадоа по четири. Во таборот на Бутел најдобар беше Дамјан Субашевски со шест гола, додека пет даде Филип Николов.
ФОТО: Денис Дуковски / РК Вардар 1961