Бундеслигата започнува во октомври и ќе се игра со гледачи на трибините?

По Европската ракометна федерација и францускиот шампионат, денес и Бундеслигата ги одреди термините за новата сезона 2020/21. На денешната редовна седница беше дефинирано дека најсилното првенство на Германија ќе започне на 1 октомври. Една недела претходно Кил и Флензбург ќе играат за титулата од Суперкупот. 

Бундеслигата е проширена и следната година ќе брои 20 клубови и 38 кола. Уште не е донесена одлуката дали натпреварите ќе се играат пред публика или не. Последните информации се оптимистички и според најавите од Германија, клубовите би ризикувале банкрот, ако не продаваат сезонски билети. 

Ако не дојде до некој неочекуван трансфер, Македонија следната сезона во Бундеслигата ќе ја претставуваат Мартин Томовски (Лудвигсхафен), Филип Миркуловски (Вецлар), Филип Кузмановски (Хановер) и Жарко Пешевски (Штутгарт).

Ждрепката за шампионатот и првата рунда на Купот на Германија е предвидена за првата недела од месец јули.